Млади, полни со идеи, амбициозни, а невработени. Со оваа судбина се соочуваат многу граѓани во земјава, кои се исправени пред дилемата како да ја насочат сопствената иднина. Владата нуди кредити за самовработување, отворањето бизнис по електронски пат веќе не чини ниту денар, а добра бизнис-идеја нема да ги остави рамнодушни ниту банките, кои треба да понудат кредитна поддршка. Исправени пред прашањето колку пари чини почнувањето сопствен бизнис, консултиравме експерти и стопанственици за кои без 2.500-3.000 евра во џеб нема ништо од бизнисот, дури и ако отворате гранапче. Процените се дека за мал бизнис се потребни минимум 2.500 евра, а за поголем бизнис или за мало производство без стотина илјади евра не треба ниту да размислувате. Гаранции дека бизнисот ќе тргне нема никакви. Затоа, освен низа способности, треба да знаете и да ризикувате.
Млади, полни со идеи, амбициозни, а невработени. Со оваа судбина се соочуваат многу граѓани во земјава, кои се исправени пред дилемата како да ја насочат сопствената иднина.
Владата нуди кредити за самовработување, отворањето бизнис по електронски пат веќе не чини ниту денар, а добра бизнис-идеја нема да ги остави рамнодушни ниту банките, кои треба да понудат кредитна поддршка. Исправени пред прашањето колку пари чини почнувањето сопствен бизнис, консултиравме експерти и стопанственици за кои без 2.500-3.000 евра во џеб нема ништо од бизнисот, дури и ако отворате гранапче. Процените се дека за мал бизнис се потребни минимум 2.500 евра, а за поголем бизнис или за мало производство без стотина илјади евра не треба ниту да размислувате. Гаранции дека бизнисот ќе тргне нема никакви. Затоа, освен низа способности, треба да знаете и да ризикувате.
- Дополнителната реформа на Владата за отворање бизнис по електронски пат за без пари е многу интересна. Мерката е добра и им дава шанса на сите што сакаат да се обидат да отворат сопствен бизнис. Исто така, пошироко може да се гледа дека отвора можност за нови вработувања. За жал, кај нас с` уште кога се отвора фирма, обично се размислува за услужна дејност и многу малку се отвораат мини-погони за производство на готови производи. С` е трговија и услуга. Мислам дека идните бизнисмени повеќе треба да се насочат кон мини-фабрики. Kога сме кај финансиите, с` зависи од дејноста што се отвора и од џебот на претприемачот. Тоа го одредува и карактерот на бизнисот. Некој може да купи, на пример, компјутер за 200 евра, а за друг и 1.000 евра се малку за техничко опремување - вели Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Македонија.
За експертите, неблагодарно е да се процени колку чини отворањето бизнис бидејќи тоа зависи од многу фактори.
- Ако е производство, потребни се илјадници евра, а ако е трговија, тогаш со малку пари се почнува бизнисот. Бесплатното отворање фирма по електронски пат е добра работа, која е за поздравување, но мислам дека има уште многу алки на кои треба да се поработи за да им се олесни работењето на идните бизнисмени. Пред се`, мислам на градежните дозволи, на опремувањето на објектите или нивната пренамена - вели универзитетската професорка Марија Заразанкова-Потевска.
Kлучна е идејата
Оние, пак, што советуваат како да се биде успешен претприемач, велат дека клучот за успех е добрата бизнис-идеја.
- С` зависи од тоа каков бизнис сакате да работите. На пример, за ИТ-сектор потребни се еден добар компјутер и голема креативност. Целата инвестиција се состои во еден добар компјутер, интернет, печатач, не треба ниту канцеларија. Таков бизнис може да се почне со околу 1.500 евра. Kога зборуваме, пак, за услужни дејности, на пример, козметичар или фризер, тие бизниси чинат околу 2.000-2.500 евра. Таа е почетна инвестиција со која може просечно добро да се опреми еден таков салон за почеток на работата. Други помали бизниси може да се отворат со 5.000 до 10.000 евра - вели Синиша Пекевски, консултант за претприемаштво.
Резервен фонд
Според него, освен парите за почетна инвестиција, новопечените бизнисмени мора да имаат и резервен фонд за не дај боже.
- Тука не смее да заборавиме уште еден битен момент, дека оној што планира да почне бизнис мора да обезбеди пари за нормално функционирање минимум три месеци. Тука влегуваат плата, придонеси, режиски трошоци за да може нормално да функционира и под услов да не влезе никој. Другите бизниси, пак, бараат поголеми инвестиции - вели Пекевски.
Експертите коментираат дека вообичаено кај нас се отвораат мали бизниси, кои во просек чинат од 3.000 до 4.000 евра. Дури и од проектите за невработени најголем дел се одлучуваат за такви мали бизниси, како столари, козметичари, фризери.
Агенти за регистрирање фирми
Владата реализира повеќе проекти за самовработување на невработените лица. Една од можностите е и финансиска помош за почнување сопствен бизнис. Деновиве беше промовирана и последната новина со која електронската регистрација на фирма ќе чини нула денари. Со поедноставувањето на процедурите, Владата очекува значително да се подобрат бизнис-климата и деловниот амбиент на фирмите.
Според новата реформа, пријава за регистрација на фирма, освен по електронски пат и во хартиена форма, може да се поднесе и преку регистрациски агент. Станува збор за специјално обучени лица, кои за да ја вршат дејноста, треба да поднесат барање до Централниот регистар за добивање овластување за вршење дејност на регистрациски агент, но и да исполнуваат определени услови.